Отпишаните нема да играат на ЕП, па ќе „спарингуваат“ меѓусебе

Репрезентациите на Русија и Белорусија, кои сѐ уште се под санкции од Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе одиграат неколку пријателски натпревари меѓусебе, иако нема да учествуваат на Европското првенство во ноември.

Русија во Белорусија, односно во Минск, допатува со комбиниран состав. Селекторот на Русија, Људмила Бодниева за пријателските натпревари против белоруската репрезентација ќе може да смета на 18 ракометарки.

Од поискусните ќе настапат само голманката од ЦСКА Москва, Полина Каплина и десниот бек Антонина Скоробогатченко, исто така членка на ЦСКА Москва.

Поради натпреварите од Купот на Русија, некои репрезентативки мораа да останат во „зборнаја“ за да му помогнат на своите клубови.

И покрај забраната од ЕХФ за учество на меѓународни натпревари, двете репрезентации ги одржуваат репрезентативните собири, со цел одржување на формата на секоја репрезентативка.