Осуммината на Делчево убедливи против седуммината на Ринија

Ракометарите на Делчево ја остварија својата 6. победа во 10. коло од плеј-аутот во Првата лига откако на домашен терен беа убедливи против составот на Ринија-М со 42:14.

На овој натпревар двете екипи настапија со минимален број на играчи, а во записникот имаше вкупно 15 ракометари. Осум беа во тимот на Делчево, додека Ринија-М настапи со само една постава од седум ракометари.

Делчево во целост доминираше на овој дуел, а уште по првите 30 минути домашниот тим ја имаше обезбедено победата кога водеше со 19:7. Во продолжението Делчево беше уште поубедливо и само ја потврди победата.

Најефикасен со 11 голови беше Мирче Ѓорѓев во екипата на Делчево, а девет постигна Павле Стоиловски. За составот на Ринија-М прв стрелец беше Исмаили со пет гола.