Освои титула со Вардар во ЛШ, реши да се пензионира, но пак се врати на терен

Поранешниот член на Вардар, Александар Деревен во април годинава најави крај на својата ракометна кариера. Сепак, создавањето на новиот клуб Олимп од Тољати беше главна причина Деревен да ја промени својата одлука, пишува рускиот „Брз Центар“.

Новиот машки тим во Првата лига на Русија ќе биде нов предизвик за искусниот лев бек. Деревен во последните сезони имаше проблем со коленото кое повторно заради влошување на состојбата мораше да го оперира во септември 2020 година. Во ЦСКА Москва го имаше последниот професионален ангажман.

Со создавањето на новиот прволигаш во Русија, екс-членот на „црвено-црните“ одлучи да му се врати на ракометот. Со своето големо искуство ќе се обиде на им помогне да помладите колеги да направат добар резултат во својата дебитанска сезона. Тој ќе биде и капитен во екипата на Олимп.

Во составот на Олимп доминираат ракометари од генерацијата 2004/2005. Екипата ќе биде надополнета со уште двајца искусни играчи, Александар Келин и Андреј Новоселов, додека тренер ќе биде Леонид Левченко.

Деревен во својата кариера настапуваше за Чеховски Медведи, Вардар и ЦСКА Москва, како и за репрезентацијата на Русија. Најголем успех му е освојувањето на европската титула со Вардар во Лигата на шампионите во 2017 година.