Ончев: Вардар ме сакаше за следната сезона, но јас веќе имав потпишано за Требње

Најдобриот стрелец во Суперлигата, Тоше Ончев, во новата сезона ќе настапува во словенечкиот шампионат за екипата на Тримо Требње.

Левиот бек го напушта Работнички и ќе има шанса своите квалитети да ги покаже во Словенија. Пред да одлучи да потпише за Тримо Требње, Ончев имаше понуди од македонските клубови Тиквеш и Струга, но и понуди за интернационална кариера во Ваљадолид и клубови од Саудиска Арабија и Дубаи.

За 24Ракомет, Ончев говореше за неговиот следен предизвик, понудите од другите клубови, желбата на Вујовиќ да го види во Вардар, настапите за Работнички, повикот во Б репрезентацијата, негативните коментари…

„Прво, чест и задоволство ќе ми биде што ќе работам со тренер како што е Урош Зорман, кој е големо ракометно име во ракометот и тој ме посакуваше во екипата, поради тоа потпишав тригодишен договор. Се решив за Словенија бидејќи во разговор со Стојан Петрушевски, Игор Карачиќ и други, ми беа дадени совети дека многу ќе напредувам под водство на тренерот Зорман. Освен од Тримо Требње, имав и понуда од Ваљадолид каде тренер е екс предводникот на Вардар, Давид Писонеро и неколку понуди од клубови од Саудиска Арабија и Дубаи. За во Македонија, интерес имаше од Тиквеш и Струга”.

Левиот бек беше посакуван од екипата на Вардар, односно од новиот тренер на вардарци, Веселин Вујовиќ, но Ончев веќе имаше потпишано договор со словенечкиот тим.

„Вардар си е Вардар, сепак, клубот е двократен европски шампион и мислам дека секој би сакал да игра таму, но јас веќе имав потпишано со Тримо Требње и мојот тренер од Работнички, Стојан Петрушевски ме извести дека новиот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ посакува да ме види во неговата екипа. Јас веќе им соопштив дека имам потпишано за Тримо Требње“.

Работнички доби на квалитет со доаѓањето на Тоше Ончев. Младиот ракометар за кратко време стана предводник на екипата и на секој натпревар од Суперлигата ги полнеше мрежите на противниците. Работнички беше блиску до обезбедување опстанок во најквалитетната лига, а клубот во наредната сезона ќе игра во Прва лига. На сметка на Ончев често има коментари дека не е тимски играч.

„Сепак, не е се до мене, ние сме тим, колектив и сите ракометари во екипата играат за секого, тие беа тука да ми помогнат и затоа беше така, да бидам најдобар стрелец. Оваа сезона испадна многу добра за мене и се надевам дека ќе продолжам во тој стил во иднина. Што се однесува до негативните коментари, можам да кажам дека тие луѓе кои го доживуваат тоа се луѓе кои не го разбираат многу ракометот. Јас по статистика имам и голем број на асистенции и за разлика од другите имам храброст да преземам одговорност и да упатам шут во последните секунди”.

Со формирањето на Б репрезентацијата од страна на селекторот, Кире Лазаров, Ончев се најде на поширокиот список на повикани ракометари.

„Имам играно за кадетската и младинската репрезентација на Македонија и за прв пат се најдов на поширок список во сениорската репрезентација на Македонија. Мислам дека секој играч сака да ја почувствува таа еуфорија, да заигра за македонскиот национален дрес и се надевам дека во иднина ќе го облечам тој дрес”.

Ончев во Македонија настапуваше за Вардар, Вардар Јуниор и Пелистер, а последната сезона ја помина во Работнички. На меѓународна сцена беше дел од француските Вернуј и Вернон, како и грчкиот Фаикас Корфу.