Олимпијакос „пазареше“ во Бундес лигата – се засили со репрезентативец на Австрија

Репрезентативецот на Австрија, Роберт Вебер, кој, моментално, е член на клубот од втората Бундес лига, Нордхорн Линген, од следната сезона ќе настапува за новиот грчки шампион, Олимпијакос.

Иако, трансферот сѐ уште не е потврден од неговиот нов клуб, ракометната федерација на Австрија преку социјалните мрежи ја извести јавноста за новиот предизвик на Вебер.

Раководството на Олимпијакос има големи амбиции за следната сезона бидејќи ќе учествува во второто по ранг квалитетно европско натпреварување – Лига на Европа, но главната цел на клубот ќе биде одбрана на националната титула.

Искусното десно крило на австриската репрезентација, кое има 36 години, е првото засилување во редовите на Олимпијакос. Вебер во својата кариера настапуваше и за еден од најдобрите клубови во Бундеслигата, Магдебург, како и за Балинген.

За репрезентацијата на Австрија настапува од 2004 година. Најголемиот успех на репрезентативно ниво го постигна на Европското првенство во 2020 година кога со неговите репрезентативни колеги беа осми на континенталниот собир, на кој Австрија беше еден од домаќините.