Олимпијакос доаѓа на турнирот во Охрид

Вицепрвакот на јужниот сосед на Македонија, тимот на Олимпијакос, ќе биде еден од учесниците на второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ што летово ќе се игра во Охрид.

Олимпијакос доаѓа на местото на поранешниот македонски шампион Вардар, кој мораше да се откаже од учеството поради настапот во Лигата на Европа и совпаѓањето на термините.

Љубителите на ракометот од 23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе имаат можност да уживаат во богата ракометна програма, со учество на четири домашни и четири странски екипи.

Покрај домаќинот Охрид, ќе играат амбициозниот Бутел Скопје, потоа новиот првак Еурофарм Пелистер, додека четвртата екипа од Македонија што ќе биде дел од турнирот е Голден Арт.

Од странските екипи покрај езерото освен Олимпијакос, ќе дојдат словачкиот Татран Прешов, потоа некогашниот европски првак Металопластика Шабац, како и турскиот Бешикташ, кој исто така своевремено беше дел од ЛШ.

Лани турнирот се играше со четири екипи, Охрид, Пролет, Тиквеш и Партизан, а победник беше тимот од Кавадарци.