Од сезонава ново правило – ракометар(к)и под 16 години не смеат да играат во сениорските лиги!

Новата сезона во Супер лигата, Првата лига и Женската лига, ќе стартува со неколку промени во пропозициите.

Во предлог пропозициите што Ракометната федерација на Македонија ги испрати до сите клубови што ќе учествуваат во сениорските лиги, променет е членот 13 во кој се вели:

„На натпреварите во натпреварувачката сезона 2021/2022 година право на настап имаат сите правилно регистрирани и лиценцирани ракометари и тоа во есенскиот дел родени 2005 година и постари, а пролетниот дел 2006 година и постари. Ракометар без редовно извршен и заверен лекарски преглед од страна на специјалист по спортска медицина со важност од почеток до крај на есенската/пролетната полусезона нема да биде внесен во системот на играчи кои имаат право на настап. По препорака на здружението на специјалисти по спортска медицина во сезона 2021/2022 во Супер Машка лига нема да биде дозволено ракометари под 16 години да настапат во сениорска категорија“

Ова дополнување е по барање на Здружението на специјалисти по спортска медицина, кое испрати допис со препораки до РФМ и до другите спортски федерации.

Суперлигашките екипи и покрај ова правило би требало да имаат доволен ростер за натпревари, слично ќе биде и кај прволигашите, но проблем ќе имаат екипите во Женската лига, кои и досега настапува со кадетско-младински тимови.

Иако беше планирано во Женската лига да се пријават 16 тимови, сепак рокот за пријавување е продолжен до 1 септември. Токму поради ова ново правило нејасно е колку екипи ќе може да склопат играчки кадар.