ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Ќе се бориме, НИЕ сме Вардар!

Пред гостувањето во Келце, Вардар објави една фотографија со текст: Ќе се бориме, ние сме Вардар. Е, ова е тој карактер на Вардар за кој се зборува со години. Ова е тој карактер што ги направи шампиони 2 пати, во 3 сезони!

И се бореа, иако според поставата беше повеќе борба на Давид против Голијат. Не знам за вас, ама на мене ми е тешко да гледам како тие неколку преостанати здрави играчи играат против физички надмоќни екипи. Само некој што ни „р“ не разбира од ракомет може да каже дека играчите на Вардар не се бореа на овој меч. Јасно е дека се вежбало игра 7 на 6, но тоа воопшто не е едноставно, ниту пак може да биде без грешка. Затоа, и покрај пожртвуваната игра, се правеа грешки кои противникот лесно ги користеше.

Претчуствував дека ќе изгубат, Вардар и кога беше најјак нема победено кај Келце. Прашање беше само гол разликата. На крајот таа беше 10. Но, со оглед на состојбата во Вардар во моментот, а и на несреќниот распоред на утакмици во првиот дел од сезоната, уште пред некое време беше јасно дека гол разликата нема да ни биде решавачка во пласманот во групата. Битни ќе бидат бодовите.

Затоа, со искрена навивачка верба, сега се надеваме дека тимот некако ќе се консолидира да ги одигра совршено следните два натпревари и во идеално сценарио ќе оствари 2 победи. А, после, на пролет, веруваме дека клубот ќе повлече потег кој повторно ќе ја шокира европската ракометна јавност, па со помош на Бога ќе бидеме конкуренти барем да се бориме за Ф4.

Читајќи коментари по социјалните медиуми, гледам луѓе кои се осмелуваат да им упатуваат критики на играчите. Ним може само да им порачам да се откажат од гледање ракомет и Вардар – дечки, ништо не сте разбрале.

Па, Вардар губеше дебело во Келце и кога стана Европски шампион. Па, тие играчи лани можеа мижејќи да бираат од куп понуди каде да отидат и останаа овде, во Македонија! А и да не се тие, сите останати што ќе дојдат ќе даваат 120% од себе, затоа што ова е Вардар, тој не се предава!

Нашите очи како навивачи сега се свртени единствено кон управата на клубот. Ја имате нашата доверба, веруваме дека ќе направите потези што ќе го вратат Вардар таму каде што припаѓа – на врвот!

ПИШУВА А.К.Н.