ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Наше е само да навиваме…

Во последниве неколку месеци, независно дали е репрезентативниот или клупски ракомет, често ми доаѓа оваа мисла: Ние можеме само да навиваме. А тоа го правиме најдобро на светот! И навистина заслужуваме нашите играчи да ни вратат со добра игра и моменти за ракометна радост.

Очекувано беше дека мечот против Чешка ќе покаже до каде ни е силата. Редовно се среќаваме со нив и по тоа може да се одмериме. Така и видовме дека нешто не правиме како што треба во нашите планови за подмладување на репрезентацијата. Па ние дома пред ТВ истрчавме повеќе и побрзо отколку некои од нашите млади ракометари! Освен Танкоски, кој влезе со полн жар во целата оваа приказна околу подготовки и учество на Европското првенство. Детето се бори, подава, трча, шутира – па макар и не погодил. Тоа е уште една реченица што ни се повторува деновиве – За да дадеш гол, мора прво да шутнеш кон него!

Во првото полувреме игравме изненадувачки добро, посебно во одбрана. Но немавме стратегија за напад. Во второто полувреме ни одбрана, ни шут не` послужи. Дури и неверојатно е како изгубивме само со 2 разлика. Од друга страна, пак, тоа ни покажува дека ако со толку лоша игра постигнавме таков резултат, што ли ќе беше да игравме барем пола од она што го можеме.

Во целата таа атмосфера на безидејност, повторно магично влегуваа само головите на Кире Лазаров. Ги постигна 11. И пак го гледавме со неверување како е можно така да игра на негови речиси 40 години. Го гледаме и му се поклонуваме, а воедно и се надеваме дека Македонија ќе има репрезентација после него, како што најчесто коментираат ракометните експерти.

Ние не би биле најдобрите навивачи на светот, ако не се надеваме на најдоброто. Колку и да се разочаруваме, откажуваме, коментираме, калкулираме, на крајот пак ќе бидеме тука покрај нашите ракометари кога тие ќе се најдат на теренот. Но ќе мора да даваат се` од себе, затоа што ние можеме само да навиваме! Најдобро на светот!

Пишува: А.К.Н.