Од Мешков Брест уверени: Сѐ е во наше раце, подготвени сме да го елиминираме Еурофарм Пелистер

Една од екипите, која претрпе најмногу промени за новата натпреварувачка сезона е шампионот на Белорусија, Мешков Брест. Белорускиот тим е противник на македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер во четвртфиналниот дуел од СЕХА лигата.

Речиси сите ракометари, кои што требаше да пристигнат во Мешков Брест во текот на ова лето, го откажаа својот престој во клубот од Белорусија поради санкциите на ЕХФ за белоруските клубови. Сепак, раководството на Мешков Брест успеа да формира солиден тим, кој што е надополнет со неколку искусни интернационалци.

Ракометарите на Мешков Брест во подготвителниот период одиграа неколку контролни натпревари против рускиот суперлигаш Астрахан, а учествуваа и на домашниот турнир „Белгазпромбанк“.

Тренерот Дмитри Тихон е задоволен од формата на неговите избраници, но и голем оптимист за натпреварот против „фармацевтите“ истакнувајќи дека можат да се пласират на Ф4 турнирот во Задар.

,,Нашиот нов тим e заедно само четири недели. Двајца играчи се приклучија во составот пред финалето на турнирот „Белгазпромбанк“. Среќен сум и за лидерите – Шумак, Баранов, Андреев, Куран, Подшивалов… Овие ракометари храбро ја преземаат одговорноста во играта. Во целина, 100% сум сигурен дека ќе успееме да го поминеме Еурофарм Пелистер во четвртфиналето од СЕХА лигата. Сè е во наши раце“, изјави Тихон.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест што носи место на Ф4 во СЕХА, се игра на 25 август во Битола во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.