Од Куманово во Шпанија – Алмеида потпиша за финалист од Европскиот Куп!

Интернационалката од Бразил, Андреза Алмеида, која една и пол сезона го носеше дресот на македонскиот вицешампион Куманово, во следната сезона ќе игра во Шпанија.

Алмеида во Шпанија ќе настапува за Атлетико Гуардес, клуб кој што во оваа сезона имаше одлични резултати на европска сцена, поточно во Европскиот Куп освојувајќи го второто место во третото по ранг европско натпреварување.

Младата ракометарка официјално беше претставена во амбициозната шпанска екипа и за нејзе Атлетико Гуардес ќе биде вториот интернационален клуб во својата кариера.

Бразилката тимот на Куманово го водеше до освојување на Куп трофејот во оваа сезона, но и до вицешампионското место во единствената женска конкуренција во Македонија.

Таа во Купот на Македонија го доби признанието за најкорисен играч на турнирот, односно МВП и за најдобар стрелец.