Одложени две средби од групата на Металург во Лигата на Европа

Веќе навикнавме дека ниедно коло во ниедна конкуренција, домашна или европска, не може да мине без одложен натпревар.

По најновите позитивни случаи во редовите на полската Висла Плоцк и рускиот тим Чеховски Медведи, ЕХФ реши да ги одложи двата нивни натпревари.

Висла требаше да игра дома со Адемар, а „мечките“ требаше да гостуваат кај Тулуз во Франција.

Сепак шпанската и француската екипа нема да останат без натпревар, бидејќи се договорија да го одиграат меѓусебниот дуел од 8 коло порано од предвиденото, а ЕХФ даде дозвола за тоа.

Па така дуелот меѓу Тулуз и Адемар Леон ќе се игра на 24 ноември од 20:45 часот.