Овче Поле го освои првиот бод во плеј-офот, одигра реми со Пелистер

Ракометарките на Овче Поле СУ го освоија првиот бод во плеј-оф фазата во единствената сениорска конкуренција кај дамите, откако на свој терен одиграа реми против Пелистер, 26:26.

Двете екипи во плеј-оф фазата се наоѓаат во долниот дел на табелата, но Овче Поле СУ со денешниот освоен може да го избегне последното место и да заврши претпоследен.

Во неизвесен дуел, со многу пресврти, изедначувања, борбени акции, пожртвуваност за секоја топка, немаше победник во големата драма во Свети Николе.

Иако Пелистер беше пред победа, сепак, Јована Конева со гол во последните секунди не дозволи гостинскиот тим да си замине со цел плен.

Домашната екипа беше предводена од денес одличната Марија Галевска, која во мрежата на битолчанки постигна 11 погодоци, а поддршка имаше од Анастасија Сентовска со шест реализации.

Кај Пелистер екс репрезентативката на Франција, Мари Франсоа беше најрасположена, десет пати се запиша во листата на стрелци, но тоа не беше доволно за победа на нејзиниот тим.