Норвешка со три порази оди на мундијалски мегдан со Македонија

Машката кадетска репрезентација на Норвешка во текот на подготвителниот период за Светското првенство во Хрватска одигра неколку пријателски натпревари за проверка на силите.

Норвежаните, кои на кадетскиот Мундијал за ривал ја имаат и репрезентацијата на Македонија, тестираа против Египет, Данска и Шведска.

Кадетите на Норвешка од Египет беа поразени со 35:34, од Данска со два гола разлика, 35:33, додека на вчерашниот дуел, против Шведска, загубија со 37:32.

Норвешка токму со дуел против Македонија ќе го започне настапот на Светското првенство во Хрватска. Натпреварот меѓу Норвешка и Македонија е закажан за 2 август од 17:30 часот.

Освен со Македонија, репрезентацијата на Норвешка ќе игра и против Грузија и Црна Гора во рамки од групата Ф.