Норвешката ѕвезда се враќа во татковината – Куртовиќ потпиша за Ларвик

Повремената репрезентативка на Норвешка, Аманда Куртовиќ, од следната сезона се враќа во својата татковина и ќе настапува за поранешниот освојувач на Лигата на шампионите, Ларвик, пренесува норвешката телевизија „Спорт ТВ2“. Токму со екипата на Ларвик, Куртовиќ го освои шампионскиот пехар во Лигата на шампионите во сезона 2010/11.

Куртовиќ со амбициозната екипа на Ларвик, која најверојатно ќе избори опстанок во Супер лигата во Норвешка, потпиша тригодишен договор. Раководството на големиот великан на норвешкиот ракомет планира уште неколку засилувања за следната сезона.

Искусниот десен бек моментално го носи дресот на Дунареа Браила од Романија, клуб во кој настапува и македонската репрезентативка, Јована Саздовска, а во својата кариера настапуваше и за Кастамону, Ѓер, ЧСМ Букурешт, Опсал, Виборг, Бјасен, како и за екипата на Ларвик.

30-годишната ракометарка има одиграно 118 натпревари за норвешката сениорска репрезентација, последен пат го носеше националниот дрес пред две години. Во нејзината колекција на репрезентативни медали има злато од ОИ во Лондон, два златни медали од Светското првенство во 2013 и 2015, златен медал од континенталниот собир во Шведска (2016), сребро од Мундијалот во 2017 и бронза од ОИ во Бразил.