Нов член во елитното друштво – Иван Марковски доби Мастер Коуч лиценца

Во одбраното друштво на македонски тренери што имаат Мастер Коуч лиценца влезе уште еден стратег.

Станува збор за тренерот на Металург, Иван Марковски, кој ја одбрани темата на семинарот во Виена, кој се одржуваше онлајн.

„Темата беше обемна, за анализа на перформанските на бековските играчи од првите четири селекции од ЕП 2020 година. Тоа беше голем предизвик за мене, многу анализи и компарација на две првенства. Волфанг Полани и Петер Ковач беа мои ментори и им се заблагодарувам за дадената поддршка и реализација на Мастер Коуч темата. Моето мото е дека нема да бидам подобар тренер со дипломата, но неопходно е да ја имате. Сепак знаењето или го имате или го немате, ниедна диплома или семинар нема да ве направи подобар тренер. Ова што го остварив немаше да биде можно без поддршката на моето семејство и мојот актуелен клуб Металург“, вели Марковски за 24Ракомет.

Марковски започна тренерска кариера во Еурофарм Работник уште додека тимот го имаше името ХЈС Работник, а потоа работеше во Франција во женскиот клуб Ле Самбр Авенуа.

Тој влезе во одбраното друштво на македонски тренери со Мастер Коуч лиценца – Стевче Алушовски, Андон Бошковски, Томе Петрески, Борче Марковски, Благојче Весиќ, Никола Матлиески…а наскоро уште 12 тренери од Македонија ќе ја пополнат оваа листа.