Нов корона суперлигашки случај: Седум позитивни во Струга

После суспендирањето на Групата А во Супер машката лига и објавувањето на позитивни случаи во тимовите на КЛ 7 и Радовиш, уште една екипа и тоа од истата група има позитивни ракометари.

Се работи за екипата на Струга каде седум ракометари се најдоа на листата на играчи позитивни со што се зголемува бројката на ракометари кои се заразени со коронавирусот. Оваа вест беше потврдена за 24 Ракомет и од страна на клубот така што Струга е третиот тим во кој има заразени ракометари после стартот на сезоната.

Екипата на Струга во 1. коло не играше натпревар. На стартот беше слободна, а во 2. коло се судри со тимот на Јуниор Кисела вода така што сега постои опасност за нови заразени и во тимот од Скопје.

Досега во три од седумте екипи има заразени ракометари, но јасно е дека нема да има ракомет во Групата А најмалку до 2 октомври.