Ново засилување за Еурофарм Пелистер – доаѓа екс голман на Веспрем и Порто!

Тимот на Еурофарм Пелистер уште повеќе ќе ја засили голманската позиција пред стартот на новата сезона во која ќе се натпреварува на четири фронта. Според информациите на 24Ракомет, во Битола треба да се пристигне унгарскиот репрезентативен чувар на мрежата Мартон Секељ. Тој ќе им прави друштво на Марко Кизиќ и Карим Хендави на голманската позиција. Договорот е веќе постигнат и наскоро истиот треба да биде официјализиран и од Битола.

Секељ во последните три сезони беше ракометар на Веспрем, но не добиваше премногу шанса покрај Цупара, Коралес, претходно и Штербик. Затоа замина на позајмица во португалскиот Порто, каде што во пролетниот дел од сезоната беше соиграч на Никола Митревски.

Овој 31-годишен голман потекнува од составот на Малев, беше дел од тимот на Плер, две сезони бранеше за Балатонфуреди, една за Чурго и три за Татабања, пред да потпише за Веспрем. Настапот за Еурофарм Пелистер ќе биде второ интернационално искуство за Секељ по она во Португалија. Инаку е стандарден голман на унгарската репрезнтација.

Битолчани во новата сезона ќе бидат дел од групната фаза во Лигата на Европа, ќе играат во СЕХА лига, како и во Суперлигата и во Купот на Македонија, па ќе им биде потребен и поголем играчки ростер.

Тие ќе ги започнат подготовките за новата сезона на 19 јули, ќе тренираат во Маврово, а пред четвртфиналниот двомеч со Мешков Брест ќе играат и на Струшкиот турнир. Претходно за битолскиот тим потпишаа голманот Марко Кизиќ, крилото Јосип Божиќ Павлетиќ, како и бековите Реинер Табоада и Немања Обрадовиќ.