Нови проблеми во Автокоманда: Двајца ракометари на Металург бараат раскин на договор преку РФМ

Сега преку РФМ слободно заминување бараат и младите Александар Петковски и Андреј Митиќ. Тие бараат раскин бидејќи не им се исполнети обврските од договорот, а шпекулациите се дека ќе останат во Скопје, но ќе бидат дел од различни клубови.

Екипата на Металург со големи проблеми го финишираше есенскиот дел од сезоната, а прашање е како ќе изгледа тимот од февруари бидејќи двајца од ракометарите побараа раскин на договорот преку РФМ. И онака малиот играчки кадар во пролетниот дел може уште повеќе да се намали.

Тешката финансиска ситуација беше причина од клубот да си замине Златко Хорват, а истото го имаа најавено и интернационалците од Португалија, Улисес Риберио и од Турција, Халил Озтурк. И пивотменот Милан Лазаревски беше на проба во словенечки Тримо Требње и се поверојатно е дека и тој ќе замине од клубот.

Сега преку РФМ слободно заминување бараат и младите Александар Петковски и Андреј Митиќ. Тие бараат раскин бидејќи не им се исполнети обврските од договорот, а шпекулациите се дека ќе останат во Скопје, но ќе бидат дел од различни клубови.

Металург имаше тежок старт на сезоната. Дел од играчите кои беа планирани си заминаа уште пред почетокот. Тоа го намали ростерот, па тренерот Иван Марковски едвај успеваше да има тим со кој ќе може да ги одигра натпреварите и редовно мораше да комбинира и со младите. И покрај сите проблеми, „десеткуван“ тим Марковски извлече и повеќе од максимум и имаше седум победи, меѓу кои и Охрид во гости, Пролет во гости, Тиквеш дома….а на некои мечеви даваше отпор до крај.

По 16 одиграни кола Металург е на осмото место на табелата со 21 бод, само четири помалку од Охрид, Тиквеш и Пролет кои се на делба на петтото место. Првите шест екипи продолжуваат да разигруваат за титулата.

Сезоната беше тешка, а како одминуваше времето така се влезе во подобра серија, но потоа почнаа најави за нови заминувања. Оттаму неизвесно е со каков тим ќе располага Марковски од февруари кога треба да продолжи сезоната.