Новиот суперлигаш се враќа дома – Аеродром ќе игра во СЦ „Јане Сандански“

Новиот суперлигаш Аеродром ќе се врати таму каде што му е местото – во Општина Аеродром. Тимот во иднина ќе тренира и игра во СЦ „Јане Сандански“ каде што ќе има врвни услови за работа. База на Аеродром во претходните сезони беше спортската сала „Автокоманда“.

СЦ „Јане Сандански“ е дом на двократниот европски шампион Вардар, натпреварите во овој спортски комплекс ги игра и еден од поновите клубови во Македонија – Голден Арт.

Ростерот на Аеродром останува непроменет, до почетокот на подготвителниот период би требало да пристигнат неколку засилувања, кои ќе ги пополнат послабите позиции во тимот на Дарко Петровски.

Аеродромци подготовките за дебитанската сезона во Супер лигата ќе ги стартуваат на 4 август. Екипата во првиот дел од подготовките ќе се фокусира на физички и тактичко-технички план.

Тимот на Аердром во сезона 2021/22 на пенали од Скопје беше елиминирам во бараж дуелот за пласман во Супер лигата, додека во минатата сезона со освоеното второ место во прволигашкиот плеј-оф избоди директно учество во најквалитетното натпреварување во Македонија.

Ракометарите на Аеродром за ривали во регуларниот дел од елитата ги имаат Струга, Куманово, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2, Скопје, Алкалоид и Охрид и сигурно ќе имаат голем мотив да го покажат својот потенцијал против поквалитетни екипи.

Аеродром во последните неколку сезони бележи напредок во ракометот, посебно во помладите категории. Клубот во минатата сезона играше на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција и ја освои шампионската титула.