Нова трансфер бомба во Битола: Српска голманка доаѓа во Пелистер!

По ангажирањето на екс репрезентативката на Франција, Мари Франсуа, како и домашните засилувања, левиот бек од Деспина, Сања Цветкоска и левото крило од Феникс, Сара Илиевска, екипата на Пелистер активно работи во формирањето на ростерот за новата натпреварувачка сезона.

Според информациите на 24Ракомет, Пелистер е пред потпис со поранешната младинска репрезентативка на Србија, голманката Јована Мисаиловиќ Хосни, која му е сопруга на репрезентативецот на Тунис и нов член на Еурофарм Пелистер, Усама Хосни.

Мисаиловиќ Хосни има богато искуство, кое сигурно ќе биде од голема помош за младата екипа на Пелистер. Голманката во својата татковина настапуваше за екипите на Земун, Макс Спорт, Чачак, Раднички Крагуевац и за тогашниот шампион на Србија, Јагодина.

По одличните настапи во српскиот шампионат, беше ангажирана и во грчки Орми Патрас, како и во унгарскиот суперлигаш, Бекешчаба, клуб кој неколку децении настапува во најквалитетното натпреварување во Унгарија. Од 2017 година ја започнува авантурата во Франција. Таму го носеше дресот на Ле Гран Ноиси од Париз и Стела Сен Мор.

Раководството на Пелистер за следната сезона планира во своите редови да донесе уште три-четири домашни ракометарки, со цел клубот да обезбеди подобар пласман во Женската лига.

Пелистер во новата сезона во Женската лига ќе игра во групата А заедно со екипите на Куманово, Вардар, Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата од женскиот шампионат, додека останатите четири ќе играат во плеј-аут групата.