Нова тактика на РФМ: Тестирање на цела екипа пред секој натпревар!

Бројката на коронавирус позитивни случаи во македонскиот ракомет се заканува да ја надмине педесетката! Првите такви случаи беа во тимот на КЛ7, дури 16, меѓу кои ракометари и членови на стручен штаб, а потоа и Струга пријави седум позитивни. Во Радовиш има два позитивни случаи, додека вчера стигна шокантната вест од Работнички, каде практично целиот тим и стручен штаб се заразени. Охрид денеска пријави уште четворица и вкупната официјална бројка е 46 позитивни случаи.

Ракометната федерација на Македонија има план Б за  одигрување на натпреварите од Суперлигата, кога ќе заврши изолацијата на сите екипи каде што има позитивни случаи. Планот на РФМ е сите ракометари од сите екипи и стручните штабови, да прават PSR-тестови, кои сега се значително поефтини од претходно, и тоа пред секој натпревар.

Досега се тестираа од 3 до 5 членови на секој клуб по случаен избор, a пред новиот старт, односно продолжението на сезоната, ќе има поинаква пракса. Тоа ќе биде возможно со оглед на тоа што цената за тестовите ќе биде преполовена.

Тестирањето на сите пациенти што се со индикација за Ковид-19 во државните лаборатории и понатаму е бесплатно, но наместо 3.600 денари, референтната цена по која ќе им биде рефундирано на болниците и лабораториите за PSR-тестови ќе биде 1.850 денари.

РФМ веројатно ќе донесе одлука за прекин и на групата Б, па натпреварување ќе продолжи во втората седмица од октомври.