„Ние сме аутсајдери, но ќе дадеме сѐ од себе против Вардар“

Српскиот шампион Војводина денеска на свој терен ќе го одигра првиот натпревар од СЕХА лигата во новата сезона.

Ракометарите на Војводина за противник го имаат македонскиот шампион Вардар, кој во првото коло неочекувано доживеа пораз од Нексе.

Од таборот на Војводина се свесни за големиот потенцијал и моќ на Вардар и затоа фаворитската улога на овој натпревар ја пропуштаат на ракометарите на Вардар.

Шефот на стручниот штаб на Војводина, Борис Ројевиќ истакна дека неговиот тим покрај екипи како Мотор, Вардар и Нексе е аутсајдер во рамките од Групата Б, но се надева дека неговите ракометари ќе има што да покажат против поранешниот шампион на Европа.

„Во група во која има две екипи кои играат сериозен ракомет во Лигата на шампионите, како Мотор и Вардар, заедно со Нексе кој се натпреварува во Лига Европа, Војводина дефинитивно е аутсајдер. Кога на тоа ќе се додаде дека во исто време играме и домашно првенство, а немаме доволен број играчи, останува да се фокусираме максимално на домашното првенство. СЕХА лигата не може да биде приоритет со овој фонд на играчи што ги имаме. Денеска ќе имаме исклучително тежок натпревар против Вардар. Покажавме во претходните години дека знаеме да одиграме рамноправни натпревари со Вардар. И покрај тоа, свесни сме за квалитетот на поранешниот европски шампион, но Војводина може да игра со секого. Ќе дадеме сѐ од себе на овој натпревар“, изјави Ројевиќ.

За ракометарите на Војводина натпреварот против Вардар ќе биде одлична можност за проверување на силите пред дерби дуелот со Партизан.

„Не е во наша корист што Вардар загуби од Нексе во првото коло. Сигурно ќе има дополнителен мотив да го надополни тој пораз. Веруваме дека ќе дојде со цел состав. Од друга страна, тоа е мотив повеќе за моите ракометари. Да видиме до каде сме во однос на најдобрите. Морам да признаам и дека ќе размислуваме за натпреварот со Партизан в недела, на стартот од плеј-офот од домашното првенство и во таа смисла ќе мораме да направиме некоја ротација на играчите“, заврши Ројевиќ.

Натпреварот меѓу Војводина и Вардар ќе се одигра со почеток од 17:30 часот.