Не можат без Вардар: Раул, Кристопанс, Скубе, Карачиќ, Митревски… доаѓаат во Скопје

Новата сезона од Лигата на шампионите ќе донесе интересни натпревари во Скопје на кои ќе бидат следени тимовите на ПСЖ, Келце, Порто, Пик Сегед, Мешков Брест, Елверум и Флензбург.

Во поголемиот дел од овие тимови има ракометари кои во минатото го носеа дресот на Вардар и кои ќе бидат секако интересна можност одново да бидат видени во Скопје и да бидат следени, но овој пат против „црвено-црните“.

За шампионот на Франција, ПСЖ во новата сезона ќе настапува десниот бек Даинис Кристопанс. Играчот кој напредуваше многу во дресот на Вардар откако замина порано од Вардар во Фуксе Берлин, сега е конечно на дестинацијата за која се знаеше дека ќе му биде следна уште од претходната година.

Во ПСЖ е и тренерот со кој Вардар ја освои првата титула во Лигата на шампионите, Раул Гонзалес и тој првпат како тренер на друг тим доаѓа во Скопје.

Во Келце е веќе добро познато дека е легендата на Вардар, Игор Карачиќ, кој во последните денови се подготвува заедно со поранешните соиграчи во Скопје. Исто така за Келце игра и Алекс Душебаев, па ова ќе им биде уште едно враќање на теренот во СЦ „Јане Сандански“.

Сташ Скубе е ракометарот кој ќе биде пречекан во Скопје каде што беше миленик во последните две години. Тој одлучи да замине во Мешков Брест, па ќе се види сега дали ќе може да ги прикаже игрите кои ги имаше како ракометар на Вардар. Словенецот беше еден од клучните играчи во титулата во 2019 година.

И во Пик Сегед има ракометар кој беше шампион со Вардар во 2017 година, Жоан Канељас. Тој повторно ќе дојде во Скопје со тимот кој во последните сезони речиси редовно е дел од пресметките со „црвено-црните“.

Затоа, сезонава ќе има и еден македонски репрезентативец кој ќе го чува голот на Порто. Никола Митревски откако одлучи одново да има интернационална кариера доби можност со составот на Порто да се најде во група со Вардар, па на тој начин да има интересни дуели со тимот за кој можеше да потпише бидејќи и „црвено-црните“ го имаа како опција. Инаку, тој во минатото го носеше дресот на Вардар.

Ракометари од Македонија или поранешни членови на Вардар нема само во двете екипи кои се најдоа во последниот шешир при ждрепката, а тоа се Елверум и Флензбург.