Не е само Вардар: Келце има финансиски проблеми, може да остане без најдобрите ракометари!

Не е само европскиот шампион Вардар кој се бори со финансиските проблеми оваа сезона. Како и неколку години наназад, така и оваа, и полскиот првак Келце се соочува со проблеми од ист тип.

Кон крајот на декември минатата година, претседателот на клубот Бертус Сервас за полските медиуми најави дека очекува во јануари годинава ќе дознае колку Општината ќе може да инвестира во клубот и дали ќе може да најде поголем спонзор.

„Ако не успееме да обезбедиме доволен буџет за следната сезона, тогаш и најдобрите ракометари ќе можат да си заминат во јуни. Не сакам да бидам погрешно сфатен, не е ова притисок, туку само факти. Клубот нема да се распадне, но би било значително послаб“, кажа тогаш Сервас.

По мечот со Висла Плоцк во полскиот шампион, новинарите повторно упатија прашање до Сервас за актуелната ситуација.

„Се движиме по вистинскиот пат. Работиме секој ден и се бориме. Почесто сум во клубот и ги мотивирам момците. До 15 февруари, ќе знаеме кои ќе бидат следните чекори. Одлуката на Општината се уште не е донесена. Играчите знаат за ситуацијата, но јас ќе се борам до крај. Мирно ја чекаме одлуката на градот. Ни треба помош и се надевам дека ќе ја добиеме“, изјави Сервас.

Келце годинава игра одлично во Лигата на шампионите и се наоѓа на третото место на табелата во групата Б и се бори со Веспрем и Кил за првите две позиции кои носат директно место во четвртфиналето од елитното натпреварување.