Непознаница во Прва лига – кој директно во елита, кој во бараж?

Утре продолжуваат натпреварите во Првата лига каде што ќе се одиграат дел од дуелите од последното (10) коло, а по 9 одиграни кола, познато е кои екипи се сигурни патници во елитата.

Екипите на Алкалоид, Голден Арт, Јуниор КВ и Вардар Неготино обезбедија директен пласман во Суперлигата за наредната сезона. За потсетување, екипите кои ќе се пласираат од првото, па сѐ до петтото место, обезбедуваат директен пласман во најсилното натпреварување во Македонија.

Шестото место во прволигашкиот плеј-оф носи можност за борба за елитата. Екипата што ќе заврши на оваа позиција ќе игра бараж натпревар во првиот викенд од јуни со последно пласираната екипа од суперлигашкиот плеј-аут.

За петтото место во плеј-оф фазата во Првата лига се борат екипите на Аеродром и Куманово. Моментално, Куманово е позициониран на 5 место со 28 бода, два бода помалку има Аеродром (26), кој е на 6 место.

Куманово во последното коло ќе се сретне со Вардар Неготино, додека Аеродром во Автокоманда ќе има лесна задача бидејќи за противник ја има екипата на Јехона од Гостивар.

Кумановци доколку слават против Вардар Неготино, тогаш одат директно во елитата.  Аеродром мора да ја победи Јехона доколку сака пласман во Суперлигата, но и да се надева дека Вардар Неготино нема да направи кикс во Куманово, и покрај тоа што неготинци веќе имаат загарантирано место во Суперлигата. Во случај Куманово да одигра нерешено со Вардар Неготино, а Аеродром да ја победи Јехона, тогаш екипата на Куманово оди директно во Суперлигата поради подобрата гол разлика во меѓусебните дуели.

Натпреварот меѓу Куманово и Вардар Неготино ќе се одигра на 28 мај, со почеток од 12 часот. На истиот датум и термин, Аеродром во Автокоманда ќе игра против Јехона.