Нема крај на малерите на Загреб – „плинарите“ останаа без багаж на патот кон Порто!

Ракометарите на Загреб утре во Порто ќе го одиграат заостанатиот натпревар од 11 коло во Лигата на шампионите.

Тоа е натпревар што требаше да се игра минатиот четврток, но поради техничките проблеми на аеродромот во Франкфурт беа одложени многу летови, „плинарите“ поминаа скоро два дена на аеродроми, во хотел и по пат, а нов малер им се случи на второто патување.

На петмина ракометари не им пристигнал багажот од Загреб во Франкфурт, па во Порто заминаа без багаж. Од авио компанијата добиле ветување дека багажот ќе пристигне во португалскиот град најдоцна вечерва.

Загреб пред два дена загуби на домашен терен од Магдебург, а има уште две гостувања кај Порто и кај ГОГ Гудме, и мора да освои најмалку бод ако сака пласман во осминафиналето.