Нема да има само странци: Бабиќ „пикираше“ тројца млади од Еурофарм Пелистер 2

Во новата сезона тимот на Еурофарм Пелистер ќе биде со две екипи. И додека првиот ќе се натпреварува во СЕХА лигата и во Лигата на Европа, втората екипа ќе се натпреварува во домашната Супер лига.

Вториот тим ќе биде главно со млади играчи од кои би требало во следните години да се бараат засилувања за првиот состав. Таков е планот и на Еурофарм Пелистер, а тоа го објасни и тренерот на битолскиот тим, Жељко Бабиќ во интервјуто за 24 Ракомет.

Тој потврди дека во втората екипа има интересни играчи, а некои од нив веќе се влезени во неговиот видик.

„Не знам како се викаат младите ракометари и не би можел сега да кажам некое име и да погрешам. Играат на позициите лев бек, среден бек и лево крило. Целта е да се оспособат што повеќе македонски млади играчи. Не би сакал да се мешам во вториот тим бидејќи овој состав има свој тренер, свои ставови, управување иако се работи за еден клуб. Сепак, сметам дека во овој момент има 2-3 играчи кои по моја проценка веќе за следната година ќе можат да играат во првиот тим. Тоа е мое лично мислење, но годината е долга треба да се види каков карактер имаат, како реагираат под стрес, но сигурен сум дека веќе оваа година, клубот направи страшен напор и доведе интересни играчи во клубот кои ако добро работиме сите многу брзо би дошле во првата екипа и полека да растат преку првиот тим“, вели Жељко Бабиќ, тренерот на Еурпфарм Пелистер во интервјуто за 24ракометТВ.

Со тренерот Бабиќ разговаравме на различни теми, за квалитетот на тимот, за она што може да очекуваме од нив сезонава, може ли да се симне Вардар од тронот, ќе добијат ли македонските играчи поголема минутажа, ќе има ли уште нови засилувања во тимот…

Погледнете го целото интервју на Жељко Бабиќ.