Нексе ангажираше ракометар од данскиот Морс

Хрватскиот вицешампион, Нексе го претстави најновото засилување во својот тим. Во екипата од Нашице нов ракометар е словенечкиот интернационалец, Андраж Велкаврх.

Словенецот минатата сезона настапуваше за данскиот суперлигаш Морс. Во Супер лигата на Данска покажа добри партии, а раководството од Нексе реши да го ангажира во своите редови за сезоната која официјално започна пред неколку денови.

25-годишниот ракометар со Нексе потпиша едногодишен договор. Се работи за играч кој може да игра на позицијата среден и десен бек. Со неговото ангажирање, Нексе доби разновидност во нападот и одбраната.

Велкаврх со екипите на Морс и Марибор Браник имаше учество во Лига на Европа, односно Челинџ Купот. Младиот ракометар потекнува од школата на словенечката екипа Копер.

Во Нексе претходно пристигнаа Карло Годец, Миха Кавчич и Предраг Вејин. Освен на домашна сцена, Нексе во новата сезона ќе биде повторно дел од СЕХА лигата, како и од Лига на Европа каде за противник во второто коло го има Бјерингбро Силкеборг.