Некогаш со чартер лет, сега „автобуски“ на европски меч!

Тимот на Пелистер, кој покрај Вардар, е втора македонска екипа што има играно во финале на европски куп, го очекува двомечот од второто квалификациско коло во ЕХФ Купот против швајцарскиот Винтертур.

Ако своевремено, битолчани патуваа со чартер летови на дуелите од Лигата на шампионите и другите европски купови, сега ќе мора да патуваат со автобус.

Пелистерци утре наутро во 06:00 часот  од Битола ќе го започнат повеќе од 24-часовното мачење до швајцарскиот Винтертур, каде в недела ќе го одиграат првиот натпревар.

Има две опции за патување, но која и да биде одбрана, ракометарите ќе минат преку Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија или Италија за да стигнат утревечер на конечната дестинација до која ќе минат повеќе од 1.900 километри.

Сепак ќе имаат одмор од два дена пред натпреварот, кој се игра в недела со почеток во 17:00 часот.