Некогашниот репрезентативец гради тренерска кариера: Благојче Крстев го презема Ејнатен

Некогашниот македонски младински репрезентативец Благојче Крстев, по играчката, успешно гради и тренерска кариера во Белгија.

Во минатата сезона тој беше тренер на машкиот тим на Ојпен, но сега ќе се соочи со сосема поинаков предизвик – ќе биде предводник на женскиот тим Ејнатен.

43-годишниот Крстев долго време е во Белгија како играч и остави голема трага во тимот на Ејнатен, а сега повторно се враќа на местото каде ги имаше најголемите успеси.

„Ова е нов предизвик и проект во мојата тренерска кариера. Веќе имам идеи и се надевам на одлична соработка со ракометарките“, вели Крстев за белгиските медиуми.

Тој играше до 40 години, а во минатото со Ејнатен два пати играше во Лигата на шампионите, а еднаш беше и ривал на Вардар во квалификациите.

Крстев е дел од генерацијата на Лазаров, Митков, Мојсовски, Темелков, со која настапи на Светското првенство во 1997 во Турција, како и претходно на Европското првенство во 1994 во Израел.