Некогаш беше голем ривал на Кометал ЃП и Вардар, сега посакува камбек во ЛШ

Поранешниот шампион на Данска, Икаст, кој во минатото беше еден од најдобрите женски клубови во Европа, посакува повторно да заигра во Лигата на шампионите.

Раководството на Икаст за остварување на зацртаната цел веќе започна со создавањето на тимот, кој би требало да го врати клубот во елитното натпреварување во Европа.

Икаст во следната сезона ќе биде посилен со репрезентативката на Чешка и актуелна членка на Вајперс Кристијансад, Маркета Јерабкова, која на минатиот Ф4 турнир од Лигата на шампионите беше прогласена за МВП, откако постигна 12 гола во полуфиналниот дуел против Мец и седум погодоци во големото финале против Ѓер.

Клубот, моментално се наоѓа на првото место во шампионатот на Данска, а во конкуренција за шампионската титула се и двете екипи кои учествуваат во Лигата на шампионите, Оденсе и Есбјерг, како и екипите на Никобинг и Копенхаген.

,,Сонуваме за Лигата на шампионите и финале. Тоа е голем сон на клубот и на нашите играчи. Сакаме уште повеќе и работиме напорно на секој тренинг и натпревар. Конкуренцијата на врвот во данскиот шампионат е голема. Меѓу другото, се бориме против две врвни екипи (Оденсе и Есбјерг). За мене потписот со Маркета Јерабкова е сигнал до сите дека сериозно размислуваме за голем успех”, изјави тренерот на Икаст, Каспер Кристенсен за клупската страна”.

Освен Јерабкова, во Икаст следната сезона ќе пристигне и репрезентативката на Шведска, Филипа Иден и некогашната младинска репрезентативка на Данска, Марија Лукергард.

Во минатото, кога Икаст настапуваше во Лигата на шампионите често се среќаваше со Кометал ЃП, а во поновата историја и со дрим тимот на Вардар. Последен пат клубот во Лигата на шампионите учествуваше во сезона 2017/18.