Некогашна ракометарка на Кометал Ѓорче Петров сега работи во детска градинкa

Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров и еден од најдобрите стрелци во историјата на белоруската репрезентација, Татјана Хлиманкова, одамна е надвор од ракометот.

Таа ја започна кариерата во тимот на Минск, а во шампионската сезона на Кометал, 2001/02 играше во првиот дел на квалификациските натпревари против српскиот Напредак и швајцарскиот Шпоно Нотвил, пред да си замине од Скопје на полусезоната.

Левиот бек потоа се врати во Минск, а имаше интернационален предизвик и во германските Нирнберг и Минден. Повторно следуваше камбек во Минск пред да направи пауза од ракометот.

Кариерата ја заврши во Аркатрон во 2011 година, кратко време беше тренер во младинска конкуренција.

„Работев со младинци две години, а потоа морав да паузирам бидејќи станав мајка. Можеби и ќе продолжев потоа да не се соочев со проблемите што ги имаат сите тренери во младинските конкуренции…да ги собереш децата за тренинг, да најдеш сала и слично“, вели Хлиманкова за „Пресбол“.

Некогашната репрезентативка на Белорусија, сега работи како предавач по спортски активности во детска градинка.

„Тука не морам да трчам и да ги соберам децата за тренинг. Тоа е плус. Малечките се толку отворени, тие не знаат да лажат, ве гледаат со воодушевање и забележуваат се наоколу: Имате нови патики…а, имате и нова маичка. Но ја сакам и тренерската работа и може еден ден ќе се вратам. Не е за мене работа со документи или некоја друга канцелариска работа“, заврши Хлиманкова.

Доколку го одработеше договорот до крајот на сезоната, белоруската ракометарка ќе можеше да се радува на европската титула на Кометал Ѓорче Петров, кој во финалниот двомеч беше подобар од Кометал Ѓорче Петров.