Некогашна вардарка се скара со тренерот и си замина од Букурешт

Според информациите на романскиот портал „ПроСпорт“, поранешната членка на Вардар, Александра Лакрабер ја напуштила екипата на Рапид Букурешт поради несогласувања со тренерот Карлос Вивер.

Лакрабер, која важи за една од најдобрите ракометарки на светот и која беше меѓу носителите на играта во романскиот тим, немала добар однос со тренерот Карлос Вивер, па ракометарката од Франција и раководството на клубот постигнале договор за спогодбен раскин на договорените односи.

Оваа неочекувана промена во Рапид Букурешт се случи пред неделниот натпревар против Сторхамар во рамки од 6. коло од Лигата на шампионите. Рапид Букурешт на позицијата десен бек во понатамошниот тек од сезоната ќе остане само со интернационалката од Шпанија, Еспинола Перез, која ја делеше минутажата со французинката, но клубот сигурно ќе се активира на трансфер пазарот и ќе бара достојна замена за Лакрабер.

Искусната ракометарка во екипата на Рапид Букурешт пристигна на почетокот на новата сезона од тимот на Шамбре Туре. Во својата меѓународна кариера освен за Вардар, како и за Рапид Букурешт, настапуваше и за руската Звезда Звенигород и шпанската Бера Бера.