Неагу најави повлекување од репрезентацијата

Една од најдобрите ракометарки на светот, левиот бек Кристина Неагу, која по дуелот со Црна Гора на ЕП стана најдобар стрелец на вечната листа на стрелци на континенталните собири и во машка и во женска конкуренција, наскоро се повлекува од репрезентација.

Неагу на социјалните мрежи истакна дека Европското првенство во Скопје бил последниот континентален собир за нејзе. Членката на ЧСМ Букурешт, која, моментално, има 34 години, од страна на ИХФ четири пати беше прогласувана за најдобра ракометарка на светот (2010, 2015, 2016, 2018).

Доколку Романија ги мине квалификациите за Светското првенство 2023, најверојатно Неагу после Мундијалот ќе ја заврши својата репрезентативна, а можеби и клупска кариера.

Легендарната ракометарка заедно со својата репрезентација успеаја да ја минат групната фаза на Европското првенство во Скопје, потоа во првото коло ја изненадија Шпанија, а во дуелите против Црна Гора и Германија беа поразени.

За романската селекција има одиграно над 200 меѓународни натпревари и во националниот дрес има постигнато над 900 голови. Неагу со Романија најголемиот успех го оствари во 2010 година кога се радуваа на бронзениот медал во Данска.

Иако Романија во Скопје допатува со големи амбиции, сепак, ќе мора да се задоволи со 12. позиција на континенталниот собир. Ракометарките на Романија и на претходното ЕП завршија на истата, 12. позиција.