Неагу збесна: Ова е вистински грабеж, не може да победите и против судиите!

Една од најдобрите ракометарки на светот, левиот бек Кристина Неагу, беше разочарана, откако нејзиниот ЧСМ Букурешт остана без место на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Романката имаше голема забелешка за судењето на реванш дуелот против Есбјерг. ЧСМ Букурешт на реванш дуелот, кој беше одигран во романската престолнина, доживеа пораз со два гола разлика, 33:31.

Веднаш после натпреварот Неагу упати критики за судиите Хавиер Мата и Јон Бустаманте Лопез. За судиите од Шпанија низ романските социјални мрежи исто така имаше лавина негативни коментари.

,,Вакво судење не сум сретнала од последното Европско првенство. Ако судиите мислат дека така треба да биде, во ред. Но, јас не мислам дека беше правилно поделена правдата. Факт е дека Есбјерг е добар тим, но ние заслуживме да победиме. Сепак, невозможно е да победите ако против себе имате ,,девет играчи”. Од самиот старт судиите беа на страната на Есбјерг. Невозможно беше да се борите против судиите. Ова е вистински грабеж. Се боревме и покажавме дека сме достојни за Ф4″, коментираше Неагу.

Есбјерг победи и на првиот четвртфинален дуел против романскиот шампион, славеше со 32:28.

Познати се учесниците на женскиот Ф4 во ЛШ!