На секоја позиција Вардар има здрава конкуренција

Во новата сезона во Вардар има неколку нови ракометари кои ќе бидат освежување за тимот и ќе треба да придонесат за силна конкуренција и во новата сезона. Јасно е дека сите ќе бидат максимално мотивирани, а и тренерот Алушовски е задоволен од составот.

Тој вели дека тимот го формирале заедно со претседтелот Михајловски и дека се подготвени да го дадат најдоброто.

„Добро е познато во каква ситуација бевме во февруари од финансиска до здравствена. Она што јас и раководството и претседателот го направивме е да имаме конкурентен тим, да имаме здрава конкуренција на секоја позиција. Донесовме звучни имиња како Марко Вујин, кој се враќа после тешка здравствена состојба. Тој е играч кој има освојувано Лига на шампиони. Сите играчи кои се доведени ќе ја имаат мојата потполна поддршка. Конкуретен тим во кој ќе владее тимска атмосфера и со здрава работа може да ги оствариме целите“, изјави Алушовски пред првиот тренинг кој се одржа вчера.

Тренерот на Вардар смета дека ќе му треба повеќе време за да го уигра добро тимот. Особено време ќе му треба за уигрување на ракометарите кои се на позицијата среден бек бидејќи тоа е навистина одговорно место.

„Големиот број на нови играчи, пред сè мислам на средните бекови Јотиќ и Гаџа треба да се адаптираат на играта во напад во Вардар и ќе биде тешко да се вкомпонира целиот тим во овие два месеци. Сепак, тоа е една слатка мака и ние како тим ќе успееме да бидеме на потребното ниво за Лигата на шампионите. Многу потешко е она што не опкружува во минатите пет месеци за долгорочен план. Можеме да направиме единствено неделен план и Господ да не чува од вирусот“, изјави Алушовски.

Вардар има неколкумина нови ракометари, а истите вчера се појавија на првиот собир и го одржаа првиот тренинг.