„На Мандиќ му се слоши, Мариќ има тешки главоболки, јас се уште имам вртоглавици…“

Избраниците на Хрвоје Хорват не успеаја со победа да го завршат Европското првенство во Унгарија откако во последниот натпревар во Будимпешта одиграа реми против Холандија, 28:28.

Пред почетокот, но и за време на Европското првенство, репрезентацијата на Хрватска се соочуваше со голем број на проблеми поради коронавирус. Голем дел од ракометарите на Хрватска беа позитивни на Ковид 19, причина поради која хрватскиот селектор мораше да повика дополнителни засилувања во Будимпешта.

Меѓу позитивните играчи беше членот на Загреб, Давид Мандиќ, кој минал најлошо. Неговиот колега, Лука Циндриќ откри дека пред натпреварот против Исланд брзата помош во Будимпешта морала да дојде во соблекувалната на Хрватска бидејќи Мандиќ бил во многу лоша состојба.

Циндриќ сѐ уште ги чувствува последиците од Ковид 19. Екс членот на Вардар извесен период во Хрватска беше во изолација поради позитивен тест.

„По победата над Србија во групната фаза имав температура. Имав малку потешкотии со дишењето и немам многу сила додека играм. На Мандиќ му се слоши пред натпреварот со Исланд, мораше да дојде брза помош во соблекувалната и потоа тој замина во Загреб на понатамошни прегледи. И Марино Мариќ имаше последици од коронавирус. Јас и тој имаме големи главоболки. Овие симптоми кои се јавуваат после Ковид 19 се многу сериозни, но добро се држиме и се бориме колку што можеме“, изјави Циндриќ за РТЛ.

Покрај сите проблеми, Хрватска успеа да обезбеди пласман во главната фаза на ЕП. Хрватите континенталниот собир го завршија на 8 место.