На мака се познаваат јунаците: Алушовски во Топ 10 тренери под голем притисок и големи очекувања во ЛШ

Пред секоја нова сезона од ЕХФ формираат различни листи на кои се наоѓаат клубовите, играчите, но и тренерите. На еден таков список се најде и стратегот на Вардар, Стевче Алушовски, а овој пат се работи за стратезите од кои се очекува многу и кои се наоѓаат под голем притисок.

Алушовски го презема Вардар во тежок момент на почетокот на оваа година, а пред оваа сезона има можност и да ги подготвува ракометарите како што тој има планирано и да го има ростерот кој му е потребен за остварување на амбициите.

Со враќањето и на Михајло Михајловски почна практично и една нова ера во клубот така што е сосека извесно дека следува интересна сезона и за Вардар. Сите се сигурни дека Алушовски ќе има што да покаже и како тренер, а тој е позициониран на 10. позиција на оваа листа.

Како плус за Вардар секогаш се ставаат и навивачите, но неизвесно е колку тие ќе може да помогнат со оглед на ситуацијата која владее во моментов и уште не е познато дали ќе може да се вратат на трибините.

Се работи за листа на која се наоѓаат тренери на тимови во Лигата на шампионите и во машка и во женска конкуренција, па следува на 9. позиција Габор Елек од ФТЦ Раил Карго, а пред него е Лоран Безо од Брест и Чави Пасквал од Барселона. Шпанецот и годинава ќе има тешка задача бидејќи се очекува во една сезона да освои барем еден трофеј во Лигата на шампионите со оглед на тоа што Барса ќе игра Ф4 и во декември, а се очекува и на крајот од овој шампионат.

На 6. позиција е Оле Густав Гјекстад од Кристијансанд, додека пред него ќе биде тренерот кој уште не е познат за во тимот на Ростов Дон. После заминувањето на Амброш Мартин уште нема нов стратег на клупата.

Филип Јиха со Кил во првата сезона како тренер си има обезбедено Ф4, но сака и во новата. Оттаму притисокот е голем, па тој е на 4. место на оваа листа, а пред него е Адријан Василе од ЧСМ Букурешт, клуб кој никако не може да задржи еден тренер во подолг временски период.

Првите две места се за тренерите со кои Вардар ја освои првата титула во ЛШ во 2017 година. Давид Дејвис на 2. позиција и Раул Гонзалес на првото место како тренери на Веспрем и ПСЖ ги имаат истите амбиции како и Пасквал и Јиха. Сакаат двојна круна во Лигата на шампионите, но тоа ќе биде неверојатно тешка мисија.