Најубавата ракометарка има нов клуб, ќе брани за ЧСМ Букурешт

Голманката на репрезентацијата на Холандија, Тес Вестер е нова ракометарка во редовите на ЧСМ Букурешт. Искусната голманка откако не го продолжи договорот со сегашниот нејзин клуб, Одензе, беше во преговори со неколку моќни клубови, но одлуката падна за ЧСМ Букурешт, клуб кој во секоја сезона имаше финансиски турбуленции.

На поранешниот европски шампион од Романија за новата сезона му требаше квалитетна голманка меѓу стативите. Првиот избор во оваа сезона, Дениса Деду, од следната сезона ќе брани за Рапид Букурешт. Клубот на крајот од сезоната ќе го напушти и втората голманка, Јелена Грубишиќ.

Поради тоа, ЧСМ Букурешт, пред извесен период ја ангажираше голманката од Норвешка, Мари Давидсен. Со ангажирањето на Тес Вестер се формира квалитетно голманско дуо.

Холанѓанката во својата кариера освен за Одензе настапуваше и во Бундеслигата за Битигхајм и Олденбург, а својата ракометна кариера ја почна во Амстердам. На Светското првенство во 2019 година со нејзината репрезентација го освои златниот медал. За следната сезона ЧСМ Букурешт ги ангажираше и Емили Арнцен, Марин Ауне и Ема Рамушовиќ.