Најтешко е да разбудиш некој што се преправа дека спие

На собирот на стартот од подготовките за Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, селекторот Данило Брестовац на располагање имаше млади ракометари од кои очекува да го види најдоброто и на дел од нив да им даде шанса и во јануари кога ќе се влезе во завршниот дел пред заминувањето за Австрија.

Во своите коментари за овие подготовки како и за натпреварите против Кувајт во Србија и учеството на Трофеј „Карпати“ имаше интересна изјава во која сакаше да им даде мотив плус на младите и да им стави до знаење дека ќе мораат да го одиграат најдоброто доколку сакаат да имаат место и во финишот од трката за настап на ЕП.

„Јас сум подготвен да вложувам во играчите и да ризикувам. Сакам да уфрлам млади играчи, но ако тие не ми докажат на овие четири средби не можам никого да натерам со сила. Најтешко е да разбудиш некој кој се преправа дека спие. Ние ќе се обидеме да им дадеме шанса. Јас сум отворен и подготвен да ризикувам. Ако видам дека има желба и квалитет јас сум тука да им дадам шанса и на Европското првенство. Сепак, и оние кои ќе ги одберам не ми е идејата тие само да учествуваат на Европското првенство туку таму да играат“, коментираше Брестовац.

Ракометарите кои се сега во репрезентацијата ќе имаат можност да тренираат до вторник во Скопје, а потоа прво заминуваат за Србија, па за Романија.