СУДБИНА: Го најде вистинскиот клуб, стана најдобар хрватски стрелец во ЛШ па доби повик од Червар

Левиот бек на Динамо Букурешт, Хрватот Анте Кудуз ја игра својата најдобра сезона во кариерата со романскиот клуб во Лигата на шампионите. Покрај многуте преселби во досегашната кариера се чини дека конечно го пронајде клубот каде што може вистински да се докаже.

Круна на сезоната му беше натпреварот против Шафхаузен кога постигна десет гола, а со таа победа Динамо ја обезбеди првата позиција во групата. Со вкупно 54 гола во досегашниот дел од сезоната Анте Кудуз е најефикасниот Хрват во Лигата на шампионите, а вкупно четврти стрелец.

24-годишниот ракометар многу рано ја напушти својата татковина, најпрво замина во Франција во Дижон, но таа епизода не беше успешна. Следната негова станица беше Шафхаузен но и таму не успеа да се докаже. Најпосле повикот од Динамо Букурешт по се изгледа беше вистинкиот момент во неговата кариера каде што неговите настапи беа забележани од селекторот Червар и го доби првиот повик во сениорската репрезентација.

Кудуз во 2013 година со младинската репрезентација на Хрватска го освои сребрениот медал на Светското првенство во Унгарија. И тој како и многу други млади ракометари во потрага за минути на теренот смени повеќе клубови, но се чини дека после шест години конечно работите доаѓаат на свое место. Дали може да се покаже како иден предводник на Хрватска младиот ракометар кого домашните медиуми го нарекуваат „Хрватски Микел Хансен“ заради неговиот физички изглед останува да видиме во следните години.