„Наша цел е победа во Битола, Еурофарм Пелистер е детално анализиран“

Екипата на Мешков Брест новата сезона ќе ја започне од Битола каде силите ќе ги одмери против македонскиот вицешампион, Еурофарм Пелистер во рамките од првиот четвртфинален натпревар од СЕХА лигата.

Тренерот на Мешков Брест, Дани Гардо пред доаѓањето во Битола истакна дека неговите избраници мора да го дадат својот максимум, иако во екипата нема да бидат присутни неколку ракометари.

„Треба да се подготвиме што е можно подобро за средбата со Еурофарм Пелистер и да покажеме се што знаеме. Веќе имаме информации за противникот и детално го анализраме. Има ракометари кои нема да ни помогнат во оваа борба, но не може да има оправдувања – мора да одиграме 100%“, изјави Гардо.

Стратегот на Мешков Брест е свесен за силите со кој располага составот на Жељко Бабиќ. Доминацијата на Еурофарм Пелистер против Вардар во Суперкупот оваа година ја коментираше како неочекуван резултат и изненадување.

„Победата против Вардар беше неочекуван резултат. Сепак, тимот од Битола покажува многу добар ракомет. Фановите на Брест одлично го познаваат својот поранешен тренер, Жељко Бабиќ. Одличен тренер кој преферира шпански стил на игра. Таму има одлични плејмејкер и пивот, бекови што можат да погодат од далечина, како и солиден голман кој пристигна од Порто. Сакаме да победиме, а потоа да одиме на завршницата во СЕХА лигата со поддршка од нашите навивачи“, заврши Гардо.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра в сабота во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.