НАВИВАЧИ ПОБРЗАЈТЕ: Купете билет навреме за ЕП 2020, ги снемува!

На помалку од три месеци до почетокот на Европското првенство 2020, Eвропската ракометна федерација ги потсети фановите кои сакаат да присуствуваат на натпреварите да обезбедат билет за да избегнат разочарување и првенството да го следат само на ТВ екраните.

Ова е првпат три држави да бидат организатори на најквалитетното европско национално натпреварување во машка конкуренција. Австрија, Шведска и Норвешка се организатори на историскиот настан. Минатиот месец започна одбројувањето за помалку од 100 дена до шампионатот, а земјите домаќини информираа за одлична продажба на билетите.

На голем број натпревари билетите се скоро распродадени, па со оглед на тоа навивачите се потсетуваат дека е вистинско време да го обезбедат својот билет како не би ги пропуштиле натпреварите на своите миленици. Исто така ЕХФ советува да се купуваат билети само на официјалната веб страна на ЕХФ ЕУРО 2020, а билетите купени од трети лица би можеле да бидат неважечки за влез и купувањето ќе биде на сопствен ризик.

Македонската репрезентација ќе биде дел од групата во Виена, заедно со домаќинот, Украина и Чешка, а најефтините билети кои се уште ги има во продажба се по цена од 29 евра. ЕП започнува од 10 јануари и ќе трае до 26 јануари.