Мотор Запорожје на чекор до завршниот турнир во СЕХА

Ракометарите на Мотор Запорожје се многу блиску до пласман на завршниот турнир во СЕХА лигата откако ја совладаа екипата на Татран Прешов во првиот натпревар со 27:22.

Првите пет-шест минути немаше реализација на двете страни, дури во 7. минута Татран го отвори резултатот. Се играше постојано израмнето, со малку голови и без поголема предност на двете страни. До полувремето Татран обезбеди позитива од два гола кога водеше 12:10.

Во второто полувреме сликата на теренот беше многу поразлична од првиот дел. Татран добро почна и успеа да стигне до највисоките 15:11, но следуваше добар период на Мотор кој во 40. минута израмни на 15:15.

Во последните 15 минути тимот од Украина доминираше во целост. Со серија од 6:1 Мотор ја обезбеди победата. До крај на дуелот рутински ја задржаа предноста и остварија триумф од пет гола (27:22) пред утрешниот реванш на кој ќе треба да го потврдат пласманот во Задар.

Најефикасни во тимот на Мотор беа Пуховски и Козакевич со по четири погодоци, а добар натпревар имаше голамнот Мароз со десет интервенции. Во екипата на Татран Прешов најефикасни беа Линарес и Лецичар со по пет гола.

Досега е познат еден учесник на Ф4 турнирот во СЕХА, а тоа е составот на Веспрем. Утре ќе бидат познати уште два бидејќи покрај дуелот меѓу Мотор и Татран, на терен ќе се најдат и Мешков Брест и Еурофарм Пелистер. Вардар ќе му гостува на Загреб во вторник кога треба да биде комплетиран списокот на полуфиналисти.