МОК И СПОРТИСТКИТЕ ВО АКЦИЈА: Формирана Комисија за родова еднаквост во спортот

Македонскиот Олимписки комитет предводен од претседателот Даниел Димевски продолжува со неизмерната поддршка кон дамите во спортот, а денеска тоа го претстави и на првата прес конференција на новоформираната Комисијата за родова еднаквост во спортот (КРЕС) при МОК.

Комисија која ќе има консултативен карактер, но која треба да придонесе за креирање на родово-еднакви политики и родова стандардизација во спортските субјекти.  Недвосмислено беше истакнато дека приоритет е зголемување на учеството на жените во сите аспекти на спортот како и воспоставување на стратешки механизми со цел зајакнување на родовата еднаквост во Олимпиското движење. Истовремено беше претставен и едногодишниот план и програма на работа на Комисијата.

„Иако еднаквоста во спортската арена е од суштинско значење, сепак тоа не е доволно за вистинска еднаквост во спортот. Оттаму, наши приоритети ќе биде зголемување на учеството на жените во сите аспекти на спортот и програмата на КРЕС за 2022 година ќе подразбира и воспоставување на стратешки механизми за зајакнување на родовата еднаквост во олимпиското движење. Целта е да постигнеме суштински и видливи резултати и да ги отстраниме бариерите што ги спречуваат жените и девојките да учествуваат во спортот. Она што ќе ни биде исклучително важно е да креираме систем за редовна комуникација со жените вклучени во федерациите кои се дел од ОК како и навремена повратна комуникација за резултатите од нашата работа, за учество на идните настани поврзани со родова еднаквост и споделување на други новости“, изјави претседателката на КРЕС, Силвија Митевска.

Свое излагање имаше и претседателот на МОК, Даниел Димевски кој ја понуди својата комплетна поддршка и изрази сигурност во однос на спроведување на процесите каде на жените ќе им биде овозможено еднакво учество во спортот. Како дел од присутните беа проминентните спортистки: потпретседателката на КРЕС, Гордана Нацева и нејзините останати членови Ленче Алексовска Величковска, Пулексенија Јовановска, Наташа Мешкоска, Ирена Митровска и Гордана Цветковска Бошевска.

„Еден од приоритетите на Комисијата за родова еднаквост во спортот е зголемување на партиципацијата на девојки во спорт во олимписки и неолимписки спортови. Спортот е една од најмоќните платформи за зајакнување на жените и девојките и промоција на родова еднаквост. Оваа цел ќе ја реализираме преку програмата за промоција на олимписки вредности и таргет група се млади девојки, девојчиња кои треба да се мотивираат да бидат активни во спортот. Дополнително, ќе се залагаме за афирмација на спортистки и спортот во женска категорија, поголемо вреднување на остварените резултати како и поголема видливост на спортистките во општествениот живот. Успешните спортистки претставуваат позитивни примери за идни генерации и нивните спортски достигнувања треба да бидат двигател за нови млади спортски надежи и таленти. И секако, една од нашите цели е зголемување на бројот на спортистки учеснички на Олимписки Игри и претставување на нашата земја на најважниот спортски настан. Сакаме да упатиме порака дека треба да има родова застапеност при доделување на олимписки стипендии со цел овозможување на еднаков третман и поддршка за талентираните спортистки“, изјави потпретседателката на Комисијата за родова еднаквост во спортот, Гордана Нацева.