Може да има гледачи на Ф4 во Будимпешта – ама само вакцинирани!

Европската ракометна федерација и унгарската ракометна федерација, кои ќе бидат организатори на завршниот турнир во Лигата на шампионите, објавија дека може да има гледачи на четирите средби.

Ф4 во „Ласло Пап Арена“ ќе се одржи на 29 и 30 мај, а може да биде исполнет 50% од капацитетот, што значи може да бидат присутни најмногу 6.000 гледачи.

Продажбата на билетите почнува од утре, но можност за присуство ќе имаат само носителите на документ за вакцинација издаден од унгарските здравствени власти или од земјите со кои Унгарија има потпишано билатерален договор.

Меѓу нив се Македонија, Бахреин, Хрватска, Чешка, Словенија, Србија, Романија и Црна Гора. Задолжително ќе биде носењето на маска во текот на целото присуство во салата.

Цените на билети почнуваат од 28 евра па се до 150 евра за ВИП дневни влезници. Во првото полуфинале ќе играат Ѓер и Брест Бретањ од 15:15 часот, додека од 18:00 часот ќе играат ЦСКА Москва на Сара Ристовска и Вајперс Кристијансанд.