Младост Богданци го затвори ростерот – еден странец за камбекот во елитата

Тимот на Младост Богданци го затвори ростерот пред стартот на првата сезона по камбекот во елитното друштво. Новиот суперлигаш ги продолжи договорите со сите ракометари од минатата сезона кои го изборија влезот во Суперлигата.

Иако беше разговарано со двајца црногорски интернационалци, сепак раководството на тимот од Богданци реши дека во првата полусезона нема да ги ангажира. Единствен странец ќе биде молдавскиот репрезентативец Александр Лупаско, кој игра на левата бековска позиција.

Од другите четири засилувања, двајца се повратници во тимот – станува збор за средниот бек Горан Лисичков и десното крило Иван Стојчевски, а беа потпишани и пикерот Небојша Василевски и десното крило Никола Димитров.

Следната седмица ќе биде извршена ждрепката за редните броеви на екипи и ќе биде познат распоредот на натпреварите за претстојната сезона.