Младинките и кадетките имаат нови селектори

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги назначи новите селектори на младинската и кадетската женска репрезентација.

Довчерашниот тренер на Бутел, Кристијан Грчевски, ќе има репрезентативен предизвик во женскиот ракомет, откако ракометната македонска куќа му ја даде довербата да ја предводи кадетската селекција, односно репрезентацијата до 17 години.

Тренерот на Металург, Јулијана Дамчевска, која со клубот од Автокоманда го освои трофејот во Купот на Македонија ланската сезона, е назначена за селектор на младинската македонска репрезентација.

„Ве известуваме, во делот на спроведување на програмските активности, а согласно член 35 од Статутот на РФМ , односно Член 3 точка 11 од Законот за здружение и фондации , Управниот Одбор на Ракометна Федерација на Македонија донесе Одлука за именување на тренер/селектор Јулијана Дамчевска одговорна за јуниорска национална селекција (W19) и тренер/селектор Кристијан Грчевски одговорен за кадетската национална селекција (W17). Се закажува собир за пред – селекција на ден 04.06.2023 г.(недела), со почеток во 11 часот во Спортска Сала „Автокоманда“ за ракометарки генерација 2006/2007 . Ги замолуваме ракометните клубови (женска конкуренција) , да постапат согасно инструкциите доставени по електронска пошта”, стои во соопштението на РФМ.