Младеновиќ за 24Ракомет: Чест и задоволство е да се игра за Македонија на ЕП

Репрезентацијата на Македонија од средата е на подготовки во Маврово каде што утре од 18 часот ќе ја има првата контрола против составот на Кувајт. Ракометарите се пред нов предизвик бидејќи се подготвуваат за настап на Европското првенство така што е јасно дека сите се на максимум за да се докажат и да се обидат да обезбедат место во составот за шампионатот.

Меѓу помладите ракометари кои се подготвуваат и кои ветуваат максимална ангажираност е и ракометарот на Охрид, Михајло Младеновиќ.

„Задоволство ми е да сум тука во репрезентацијата. Атмосферата веќе е одлична и сè е како треба и очекувам така да остане до крај. Мораме сите да дадеме максимум на подготовките за да направиме резултат. Ако го сфатиме ова сериозно можеме да направиме успех. За секого е чест да игра на Европско првенство, кое е големо натпреварување. Се надевам дека ќе имаме добар резултат и ќе оставиме добра слика, комплетно од стручниот штаб до нас како играчи“, вели Младеновиќ за 24 Ракомет.

Настапот на собирот на стариот континент секогаш знае да биде потежок отколку на Мундијалите.

„Европското првнство е потешко од Светското бидејќи конкуренцијата е поголема, а екипите се посилни и поискусни. На ЕП нема лесна група и мораме да се надеваме на најдобро и на премин во следната фаза. Мора да дадеме максимум и да извлечеме најдобар резултат што може. Тежнееме кон тоа да поминеме во следниот круг, тоа ни е прва цел, па за понатаму ќе видиме“.

На тренинзите се работи одлично, а Младеновиќ е задоволен и од тоа како сите работи се организирани бидејќи се води сметка за сè.

„Станува збор за добар професионализам. Се води сметка и за исхраната и здравјето на играчите. Имам позитивни зборови за комплетната организација, а само добра работа и добра организација може да доведе до успех“, коментираше Младеновиќ за 24 Ракомет.

Утрешната контрола против Кувајт ќе ја даде првата слика за формата, а в среда на вториот дуел ќе може уште еднаш да се проверат квалитетите на играчите и да се види до каде е стигнато со тренинзите и што ќе биде потребно уште да се поправа.